Беше еден од најдобрите во светот, а сега на седум месеци пред Мундијалот остана без клуб

Хамес Родригез некогаш важеше за еден од најдобрите фудбалери во светот, но денеска тешко може да пронајде клуб во кој ќе остане подолго време, меѓутоа има желба да биде дел и од Светското првенство кое се игра идната година во САД, Канада Мексико.

Откако блесна на Мундијалот во 2014 година, Родригез направи трансфер во Реал Мадрид за 75 милиони евра, но никогаш не ги оправда очекувања и некаде тука почна и неговиот пад. Беше испратен на позајмица во Баерн, потоа играше и за Евертон, а од 2021 година јавноста и помалку го следи.

Во таа година потпиша за Ал Рајан каде што се задржа само една година, па се врати во Европа во Олимпијакос, меѓутоа во Грција не издржа ниту цела година. Следна дестинанција беше Сао Паоло во Бразил, па идната година шпански Рајо Ваљекано каде што помина само шест месеци и направи трансфер во Леон од Мексико од каде што игра од последната зима.

Како што пренесува Фабрицио Романо, Родригез сега го напуштил и овој клуб и тоа во моментите кога се бори за опстанок. Наводно, причината бил неговиот страв дека во мексиканката лига нема да се избори за место во репрезентацијата на Мундијалот наредната година. Така на само седум месеци пред почетокот на Светското првенство Колумбиецот ќе биде без ангажман.