Aнчелоти на работ на солзи: Утре сè ќе поделам со Модриќ (ВИДЕО)

Карло Анчелоти ја одржа својата последна прес-конференција за медиумите како тренер на Реал Мадрид, а утрешниот натпревар против Реал сосиедад ќе биде негов последен на клупата.

 

Натпреварот за италијанскиот стратег сигурно ќе биде емотивен, но таква беше и прес-конференцијата на која Анчелоти порача и дека очекува Реал Мадрид да биде конкурентен за сите трофеи и наредната сезона.

„Не знам, не сакам да навлегувам во тоа и да зборувам за тоа кој ќе биде мојот наследник. Како што кажав: клубот има сè што му е потребно за да биде конкурентен и следната сезона. И тоа секогаш ќе биде целта на Реал Мадрид. Утре се збогувам заедно со Модриќ, кој за сите беше пример. И за еден тренер, да се има некој како него е неверојатно“, изјави Анчелоти.

Италијанецт не штедеше пофалби за хрватскиот ветеран.

„Многу фудбалери имаат врвен квалитет, но тој знаеше да го спои тој квалитет со душа. И токму поради тоа стана легенда на Реал Мадрид. Тоа е многу важно. Кога некој ќе успее да ги спои и двете нешта, станува легенда, а кога не успее, останува само „обичен“ играч. Знам брзо да се расплачам, тоа ќе биде ден полн со емоции. Ако  заплачам, нема проблем сето тоа е дел од таквите моменти. Ќе биде убаво, а сè ќе споделам со Модриќ... ми беше неверојатна поддршка во текот на овој период во Реал Мадрид. Тој е фантастична личност, легенда. Да се збогуваме заедно со него ќе биде нешто посебно, нешто прекрасно“, истакна Италијанецот

Натпреварот со Реал сосиедад, „кралевите“ го играат во терминот од 16:15 часот.

Фото: Real Madrid C.F/X