Американскиот херој случајно добил право да игра за САД – пресудила одлука на вработени во авиокомапнија!
Да не била една одлука на вработени во авиокомпанија, Балогун денес најверојатно немаше ниту да има право да настапува за американската селекција.
Неговите родители потекнуваат од Нигерија, а животот го изградиле во Лондон, каде што и самиот Балогун пораснал и ги направил првите фудбалски чекори. Сепак, местото на неговото раѓање не е Лондон, туку Бруклин во Њујорк, а причината за тоа звучи речиси неверојатно.
Неговата мајка Флоренс за време на бременоста отпатувала во САД на посета кај роднини. Планот бил да помине неколку недели во Њујорк и потоа да се врати дома во Англија, но работите не се одвиле како што очекувала.
Кога се обидела да се качи на лет за Лондон, персоналот на авиокомпанијата ѝ забранил да патува. Причината била напредната бременост, како што подоцна раскажала, вработените сметале дека ризикот е преголем бидејќи била во седмиот месец, а стомакот, според нејзините зборови, бил „огромен“.
Наместо враќање дома, Флоренс морала да остане во Њујорк, каде што неколку недели подоцна на свет го донела Фоларин. Токму поради тоа, Балогун по раѓање стекнал американско државјанство со тоа и право подоцна да го носи американскиот дрес.