Зинченко: Македонија е голем тим, на терен се едно семејство – Гундоган ме предупреди!

Една од најголемите ѕвезди на украинскиот тим Олександр Зинченко, фудбалерот на англискиот првак Манчестер сити во пресрет на денешниот меч со Македонија во второто коло на Европското првенство, имаше само пофални зборови за нашиот национален тим, посочувајќи дека пред себе имаат голема екипа која на терен е – едно семејство!

Зинченко во пресрет на мечот на Националната Арена во Букурешт, откри и што му кажал германскиот репрезентативец Илкај Гундоган, соиграч од Манчестер сити, откако Гундоган и „елфот“ во март доживеаа пораз од Македонија со 1-2 во мундијалските квалификации.

„Јас разговарав со мојот соиграч од Сити, Гундоган за Македонија, зашто тие ја победија Германија со 2-1 пред неколку месеци и тоа на гости. И Илкај ми рече: 'верувај ми, тој тим се обидува и знае да игра добар фудбал!'“, вели Зинченко.

Ѕвездата на Сити ја испофали Македонија, а посебно начинот на кој игра одбрана додавајќи дека никој не се лаже дека ги чека лесен меч попладнево.

„Македонија е навистина голем тим. На терен се едно семејство. Тие навистина немаат фудбалери како што има една Холандија, ама како тим се – извонредно силни. И посебно така добро се дефанзивно организирани, што е многу тешко да ги пробиеш, да им дадеш гол. Може и да видите досега на турнирот, многу мечеви се 0-0 и на полувреме, што значи дека основата е во добра организација на одбраната, претпазлива игра. На ова ниво, најврвно, тешко е да се даде гол, што значи дека ќе мора да имаме одлична реализација кога ќе создаваме шанси“, додава Зинченко.