Велковски: Третото место е реално, сега сите мисли кон – Косово!

Македонскиот дефанзивец Дарко Велковски после повеќе од месец ипол откако се повреди, заигра повторно и тоа за македонската репрезентација, без да има минута за својата Риека во овој период, но не беше тоа пречка за нови добри мечеви во црвено-жолтиот дрес.

Вечерва Македонија со победата против Израел со 1-0 стигна до третото место како еден исчекор од постојаната просечност и вечното четврто место, па за Велковски пласманот е реален, посочувајќи дека сите мисли сега се насочени само кон – Косово.

„Мислам дека третото место е реално, можеше и четврто, за нијанса можеше и второ. Можеби Австрија беше малку подобра од нас во овој циклус, но ова е прв циклус на оваа екипа да одигра едни квалификации вака комплетно, па сега сите мисли ни се насочени кон Косово. Освен Австрија што нè надигра, со сите бевме блиску и со игра и со сè. Не сме далеку од другите и се надевам во иднина ќе имаме уште подобри резултати“, рече Велковски.