Велковски: Верувам во македонско чудо во Италија!

Македонскиот стопер и еден од клучните фудбалери во македонската репрезентација, Дарко Велковски верува дека Македонија може да ја изненади Италија на 24 март во полуфиналниот мундијаслки бараж закажан во Палермо, иако е свесен дека црвено-жолтите го добија најтешкиот пат за да стигнат до нова историја – пласман на Мундијалот во Катар.

Оваа македонска селекција без Велковски е незамислива, а за разлика од изминатите две години откако А-тимот почна да пишува историја, сега стоперот игра константно за Риека и во моментов посакува добра подготовка за продолжување на сезоната, а со тоа и добра форма за клучните мечеви во мундијалските квалификации.

„Не знам што да кажам после таква ждрепка. Нѐ погоди најтешката ждрепка и тоа е факт. За два месеци нѐ чека мечот во Италија и јас верувам дека селекторот ќе спреми добра тактика. Но, знаеме дека голема пречка е пред нас, но нема што друго, освен на Италијанците да им се спротивставиме на најдобар можен начин. Јас верувам дека можеме да изненадиме. Со Италија игравме пред неколку години, дома водевеме со 2-1, па примивме два гола во завршницата за да загубиме, а потоа на гости ремизиравме 1-1. И некако Италија повеќе ни одговара од Португалија, ама на крај сепак зборуваме за два европски прваци кои имаа големи низи на мечеви без пораз“, вели Велковски.

Тој потенцира дека после настапите во мундијалските баражи, се надева на прво место во групата во Лигата на нации во групата со Бугарија, Грузија и Гибралтар.

„Добра е групата, а бидејќи во кратко време ќе ги одиграме сите мечеви, ништо не се знае. Сите селекции некако се близу со рејтингот, но јас сепак се надевам на прво место во групата“, додава тој.

Стоперот е задоволен од есенскиот дел во сезоната и сам се оцени во моментов со три ипол, посочувајќи дека првите две години во Риека му се – нула. Велковски дојде во Риека како слободен играч во летото 2018 година од Вардар, а договорот му истекува со хрватскиот клуб летово и веќе низа клубови се споменуваа како негова можна дестинација.

„Ми требаше некоја константа како есеноска, зашто потоа е полесно, добиваш на самодоверба, а ти веруваат и соиграчите и тренерот и многу е полесно, одошто да чекаш шанса од клупа и кога ќе ја добиеш баш тогаш ќе одиграш лошо, па повторно испаѓаш од тимот. И уште ако тргнат повредите, кои две ипол години ме мачеа... Беа тоа навистина лоши моментио во мојата кариера, ама сега се е океј, сега само на вистински начин да ги одработам подготовките и да нема повреди. Првите две ипол години во Риека му беа навистина лоши, најмногу поради повредите, а сето тоа беше зашто сакав брзо да се врата, па повторно ќе се повредам, па нов тренер, па нова повреда. Ако треба да ги оценам, тие први две ипол години се нула. Сега сум на некоја оценка три ипол, близу до четворка, а се надевам дека ќе дојдам до петката“, додава Велковски.