УЕФА откри во која група и во кои градови би играла Македонија на Евро 2020!
Бидејќи Македонија се бори во Д-сегментот во Лигата на нации, победникот од овој најслаб сегмент во плејофот ќе се најде автоматски во групата Ц, во која домаќини се Амстердам (Холандија) и Букурешт (Романија). Во оваа група сигурен учесник е Холандија од вториот барабан, а Украина од првиот ќе биде наш противник (не може во група со Русија), додека од третиот ќе се чека исход на ждрепката од потенцијални ривали како Португалија, Турција, Австрија, Шведска и Чешка.
Но, поради комплексниот формат на Евро 2020, кој ќе се игра во 12 градови низ Европа, но и поради многуте домаќини, кои имаат право да играат пред своите гледачи, како и проблемот околу евентуален настап на Косово, кое не може да игра со Русија, Србија, БиХ..., барем 60 отсто од ждрепката е веќе позната. Вториот проблем е што Романија и Унгарија се едни од земјите домаќини, а играат плејоф, па... Романците ако успеат да се пласираат на Евро 2020, ќе не сместат во друга група.

Романија игра во А-дивизијата во плејофот на Лигата на нации со Исланд во Рејкјавик, а потоа евентуално финале во Софија или Будимпешта со подобриот од дуелот Бугарија – Унгарија. И ако Романците успеат да стигнат до виза, тогаш Македонија наместо во групата Ц ќе биде преместена во групата Ф, зашто Романците ќе мора да си играт во својот Букурешт.
Така по ова сценарио, Македонија би заминала во група во која домаќни се Минхен (Германија) и Будимпешта (Унгарија), а засега сигурен евентуален противник е бившиот светски и еврпски првак Германија. Од вториот барабан можен ривал е светскиот првак Франција, потоа Полска, Швајцарија и Хрватска, додека од третиот остануваат истите како и за првата варијанта во групата ц – европскиот првак Португалија, Турција, Австрија, Шведска и Чешка.
Така Португалија од третиот барабан е најспектакуларниот ривал кој и во двете групи би можел да нѝ падне, под услов прво да се пласираме на континенталниот шампионат, ама ако Романија не премести во последната група, можно е на дебито на континенталните шампионати да играме во најспектакуларната можна група, против актуелен светски првак (Франција), актуелен европски првак (Португалија) и најтрофејната европска селекција (Германија). За македонските навивачи групата е уште подобра зашто мечеви ќе играме во Минхен и Будимпешта, градови со кои има директни летови со „Виз Ер“.
Македонија за пласман на Евро 2020 ќе мора да го помине Косово во полуфиналето кое најверојатно ќе се игра во Скопје, а потоа во финалето на гости да биде подобар од Грузија (Тбилиси) или Белорусија (Минск или Борисов).
ПРВ БАРАБАН: Белгија, Италија (домаќин), Англија (домаќин), Германија (домаќин), Украина
ВТОР БАРАБАН: Франција, Полска, Швајцарија, Хрватска, Холандија (домаќин), Русија (домаќин)
ТРЕТ БАРАБАН: Португалија, Турција, Данска (домаќин), Австрија, Шведска, Чешка
ЧЕТВРТИ БАРАБАН: Велс, Финска, победник А-дивизија, победник Б-дивизија, победник Ц-дивизија, победник Д-дивизија
РАСПОРЕД НА ГРУПИ ПО ГРАДОВИ
ГРУПА А: „Олимпико“ - Рим, Олимписки стадион – Баку
ГРУПА Б: Крестовски - Санкт Петербург, Паркен – Копенхаген
ГРУПА Ц: Јохан Кројф Арена – Амстердам, Национална Арена – Букурешт
ГРУПА Д: Велмбли - Лондон, Хампден парк – Глазгов
ГРУПА Е: Сан Мамеш – Билбао, Авива – Даблин
ГРУПА Ф: Алијанц Арена – Минхен, Ференц Пушкаш – Будимпешта

