Трите посебни причини зошто на Македонија ѝ е пишано да оди на Светско

Македонија вечерва ќе трепери, сѐ ќе застане во земјата, зашто фудбалската репрезентација и новите народни херои уште од лани го играат најважниот меч во кариерите, во историјата на македонскиот фудбал. Португалија ние последната пречка до остварување на сонот и настап на најголемиот светски фудбалски настан – Светското првенство во Катар.

Македонија тргна како аутсајдер во квалификациите, од четвртиот барабан, ама успеа да испише историја со најдобрите квалификации во кои тргнавме со пораз, ама на стартот приреди едно од двете светски чуда, ја победи Германија во Дуизбург со 2-1 и во четвртокот потоа кутна уште еден великан, вториот од двата најтрофејни европски, Италија како актуелен европски владетел од пред осум месеци со триумфот со 1-0 во Палермо.

И кога ќе ги победите Германија која има четири светски и три европски титули и Италија, која има четири светски и две европски круни, некако пишано е да се оди на Светско, иако пред нас стои една од најмоќните селекции во моментов, Португалија со најдобриот стрелец на сите времиња Кристијано Роналдо, со еден куп други ѕвезди од Бруно фернандеш, Бернардо Силва, Жоао Феликс, Жоао Кансело...

Вечерва на „Драгао“ во Порто ќе биде пеколно. Двојно потешко од Палермо, петпати потешко од Дуизбург... Ама, ако ништо друго од македонските херои веќе знаеме дека ќе видиме битка со последен атом, срце на терен и настап над лимитот. И, ако се склопат коцките и среќата повторно малку да е на наша страна, а таа со беспоштедна борба се заслужува, веројатно е дојдено времето за уште една историја

НЕВЕРОЈАТНА СЕРИЈА НА ГОСТИ

Македонија од своето постоење до овие квалификации секогаш играла епизодна улога, или сме биле четврти или претпоследни во квалификациите, ама оваа генерација покажа дека со неа – сѐ е можно. И ако едвај по некој блесок имавме на гостувањата, воглавно со некое реми или победа против релативно послабо рангирана селекција, во изминатава година имаме серија на гостувања како никогаш.

Веќе една година помина од последниот наш гостински пораз со Романија во Букурешт, несреќен во самата завршница, а оттогаш пет меча, четири победи и едно несреќно реми на Исланд. Но, тоа што е најзначајно е што овие четири победи од серијата пет меча без пораз на гостувањата, две се со великаните Германија и Италија.

И ако на сѐ се додаде дека Македонија во последните девет меча на гости во мундијалски квалификации дала секојпат гол, веројатно пишано е и денеска серијата да продолжи, само што овојпат гол и победа ќе биде вистинската круна!

ЕНТОНИ ТЕЛЈОР

Англискиот селектор Ентони Тејлор ќе ни „свири“ вечерва во Порто, а го паметиме по добро. Под негова арбитража Македонија стигна до првиот голем и историски успех, настапот на Еуро 2020 ланското лето.

Тејлор ни судеше во Тбилиси во единственото плејоф финале во нашата историја на кое Македонија победи со 1-0 против Грузија со голот на Горан Пандев. И не дека е создадена некоја традиција кога Тејлор ни суди за да се надеваме и денеска посебно на победа, туку овој Англичанец е „малерозен“ за противникот.

На три меча кои Тејлор им судел на Португалците, тие никогаш не победиле. Последен пат им „свиреше“ на Еуро 2020 во супердербито од „групата на смртта“ со Германија во Минхен. Португалија загуби со 2-4. Претходно им делеше правда на мечот со Украина во евроквалификациите за последниот шампионат на кој загубија со 1-2, а третиот меч е ремито на „европските Бразилци“ со САД (1-1).

Би било најубаво таа лоша традиција на Португалија да продолжи и денеска, а очигледно досега не им одговараше, иако како и со Италијанците, треба да очекуваме „блага“ негова наклонетост кон фаворитот и кон португалските ѕвезди.

УБИЈЦИ НА ГИГАНТИ И УРИВАЧИ НА ТРАДИЦИИ

Македонија до пред две години знаеше да направи беља, па да изненади некој гигант, да им направи проблем, но во овој последен мундијалски циклус, црвено-жолтите се претворија во – убијци на гиганти. И меѓу другото уривачи на големи традиции.

Прво Германија, а после Италија се двата најтрофејни европски земји во светскиот фудбал. И двете наши победи се единствени против самиот фудбалски крем, ама и две од петте најголеми чуда што се случиле во светскиот фудбал.

Да се победите уште поголеми, на Германија ѝ го нанесовме првиот пораз во мундијалски квалификации после цели 20 години. А, беше само трет во повеќе од девет децении откако се игра Светското првенство.

Палермо, пак, 28 години беше неосвоива тврдина на Италија, која 59 меча на домашен терен немаше пораз и дојде Македонија, па им сруши сѐ!

Сега, „Драгао“ е мета на македонската чета, зашто 11 меча по ред никој не го освоил, а прва и последна е Грција од пред 18 години. Плус и Португалија во два баражи за СП досега има стоотстотен ефект.

А, Македонија во Палермо замина со пораз и реми од два претходни мечеви со Италијанците, па „третата среќа“ беше наша победа. Случајно или не, Македонија има пораз и реми со Португалците, па ред е да се радуваме.