„Тоа што двапати загубивме од Австрија уште толку нè мотивира - сакаме победа“

Случајноста или судбината сакаше Македонија да го отвори Еуро 2020 против Австрија, токму репрезентацијата која нè спречи да се пласираме по редовен пат, преку квалификациите. Меѓутоа, тие два пораза, во Скопје и во Виена претставуваат уште поголема мотивација за сега да одиграме победнички, вели Иван Тричковски.

Според напаѓачот на АЕК Ларнака, Македонија не е истата репрезентација, која загуби од Австрија двапати во квалификациите. По тие натпревари направивме промени и созреавме како селкција и затоа сега мотивирани ќе влеземе за одмазда.

„Притисокот е огромен, но тоа е и мотивација плус за сите нас, со оглед дека на последните два натпревара загубивме. Но тоа може само да нè мотивира, зашто реагиравме многу бргу по тој натпревар и докажавме дека сме зрели за едно вакво натпреварување. Меѓутоа, повторно да се потсетиме дека сме дебитанти и очекувањата се измешани, некои велат дека ќе ја поминеме групата, некои нè прават тотални аутсајдери. Она што е важно е дека ние сме свесни за нашиот квалитет, добро се познаваме и наше е да се фокусираме тотално на нашата игра. Анализите ќе бидат максимално направени ќе бидеме подготвени и ќе остане да го покажеме тоа на терен“, вели Тричковски.

Колку и да изгледаа Австријците доминантни на терненот во Скопје, тој смета дека сега работите ќе зависат и од нашата игра. Потребен ќе биде силен фокус, бидејќи малки грешки можат да пресудат смета Тричковски.

„Многу работи ќе зависат од нас. Досега креиравме некој препознатлив стил на игра, којшто донесе многу големи резултати. Нашиот стил нема премногу да се менува, а она што можат да очекуваат луѓето е дека ќе дадеме сè од себе од првата до последната минута и се надеваме на позитивни натпревари кои ќе нè пласираат понатаму. Секој натпревар ќе биде различен, но на ова ниво, мали детали ќе решаваат за конечните резултати. Нормално, ќе треба да се анализираат добро сите репрезентации поединечно, ќе треба и ние да видиме кои се јаки и слаби страни и да се фокусираме, така што сето тоа е еден тактички дел кој треба да се одработи перфектно. Сите тие работи кои ќе се договорат пред натпревар, мора максимално концентрирано да се спроведат на терен од прва до последна минута, зашто мали детали, мали грешки можат да бидат клучни. Меѓутоа да не гледаме предалеку, туку да се фокусираме на Австрија, на тој прв натпревар да дадеме сè од себе, да бидеме максимално мотивирани, максимално подготвени, сите како еден и мислам дека онаа позитивна енергија и вербата дека можеме до позитивен резултат, ќе ни биде еден ветар во грб, ќе нè носи. Исто така и фактот што ќе има гледачи по подолго време ќе биде мотив плус за нас.“, сподели напаѓачот.

На крај, на едноставното прашање, што е добар резултат против Австрија, одговори:

Победа!