Статистичарите предвидуваат: Шансите на Македонија директно да оди на Евро 2020 се премали (ФОТО)

Македонската фудбалска репрезентација ќе се бори за директен пласман на Евро 2020 во завршницата од овој евроквалфификациски циклус, зашто е на три бода од втората Словенија и идниот месец ги дочкува „змајчеки“ во Скопје во седмото коло од овие квалификации, но статистичарите и аналитичарите не ѝ даваат преголеми шанси на Македонија дека ќе стигне до – директна виза за континенталниот шампионат.

Македонија по шест кола има осум бода колку што има и Израел, а пред нас е Австрија со 10, Словенија со 11 и лидерот Полска со 13 бода. Идниот месец, Македонија ја пречекува Словенија, па гостува во Варшава кај Полска, додека во ноември нè чека гостување во Виена кај Австрија и домашен меч со Израел. Практично за директен пласман потребни ни се четири победи, иако теоретски со поклопување и на другите резултати би можеле на Евро 2020 и со десет бода (три победи и реми) од четирите меча, но пред сè и триумф против Австрија од која дома загубивме со 1-4.

И според статистичките пресметки, врз база на низа податоци, статистичарите пресметале дека шансите на Македонија за директно да се пласира на Евро 2020 се нецели – четири отсто. Гледано низ призмата на нашата група, Полска има 91 отсто шанси за пласман на Евро 2020, Австрија, која иако е трета, има шанси од 59,72 отсто, додека Словенија, која сега е втора има 39,38 отсто шанси. Пред нас е и Израел со 5,08 отсто шанси за директен пласман, а Македонија има 3,38 отсто шанси за таков пласман.

Според статистичарите, Македонија веќе извесно е дека шансата за пласман на ЕП би ја барала преку плејофот во Лигата на нации во март идната година. Шансите да играме таму се 96,62 отсто, а барем засега противник на хартија е соседно Косово, но северниот сосед има реални шанси да обезбеди директен пласман на ЕП, па така Македонија би играла евентуално со Белорусија во полуфиналната пресметка од Лигата на нации.

Инаку, Косово после овие септемвриски мечеви има 21 отсто шанси за директен пласман на Евро 2020, веројатно поради гостувањето кај Чешка, меч кој веројатно ќе решава за тоа место, најмногу и што Англија е неприкосновена во групата.

Кога станува збор за процентуалните шанси на Македонија да стигне преку плејофот, во овој момент, 43,57 отсто е дека ќе игра финале, а 21,6 отсто дека ќе ја освои таа виза за Евро 2020. Засега прв фаворит е Грузија, која беше најдобра во Лигата на нации, со 65,2 отсто дека ќе игра во финале, а 33 отсто дека ќе оди на континенталниот собир. Потенцијалниот ривал Косово има 44,55 отсто за пласман во финале, а 24,22 отсто дека ќе игра на ЕП.