Србите нѐ фалат за ремито со Италија, но и нѐ викаат – Северни Македонци (ФОТО)

Одличната игра на репрезентативците на Македонија и синоќешното реми на домашен терен против Италија (1-1) предизвика бура од одушевување кај медиумите од регионот, кои не пропуштија да го истакнат фактот што редовно си ги малтретираме „аѕурите“, алудирајќи на претходната победа во Палермо, а и претходноto реми во Торино (1-1).

Играта на избраниците на селекторот Благоја Милевски беше фалена, но истовремено, особено од Србија беа упатени и ситни провокации во однос на новото име на државата. Додека најголем дел од медиумите бараа начин да го избегнат зборот Северна, интернет-страницата на телевизијата Спортклуб отиде далеку, па не само што го користеше новото име, туку нашиот народ го преименува во – Северни Македонци.

Ова, пак, предизвика револт кај македонските спортски вљубеници, кои буквално го бомбардираа профилот на Фејсук на оваа спортска телевизија, заканувајќи се дури и со бојкотирање, а имаше такви кои бараат таа во иднина да биде забранета во нашата држава.