Словенците дојдоа по победа, ама свесни се дека имаат комплекс од - „југословенските браќа“!

До пред 28 години, Македонија и Словенија беа братски републики во рамките на федеративна Југославија. Фудбалерите од двете земји носеа еден друг дрес, пееа заедничка химна, се бореа под исто знаме и од Вардар до Триглав сите се радуваа на успесите. Но, после крвавиот распад во 1991 година, Словенија и Македонија тргнаа по свои патишта, како и останатите републики, а фудбалски Словенците не претркаа иако пред 26 години од нас добија фудбалска лекција.

Кога во Крањ на 13 октомври 1994 година, Македонија ѝ одржа лекција на Словенија со триумфот со 4-1, ретко кој можеше да помисли дека после 28 години, нашата селекција сè уште ќе сонува за настап на големо натпреварување, а Словенија за шест години ќе обезбеди настап на Евро 2000, а потоа и настап на СП 2002, а потоа ќе игра и на втор Мундијал во 2010 година во Јужна Африка.

Вечева на Националната Арена „Тодор Просеки“, двете бивши братски републики ќе се судрат во директнен дуел од кој многу зависи кој ќе продолжи во таа трка за виза за континенталниот шампионат низ Европа. Но, иако Словенците самоуверено најавуваат победа и три бода, свесни се дека против бившите браќа од СФРЈ имаат – голем комплекс.

Словенечкиот портал „Сиол“ објави анализа во која пресметаа дека од 25 дуели на Словенија против бившите југословенски републики, кои станаа држави по распадот, имаат едвај само – три победи. И една од нив е против Македонија пред три години во Копер, која практично им е и единствена во петте досегашни пресметки со Македонија.

„Словенија е спортски феномен, зашто во поранешната држава нацијата уживаше во скијањето, а многу помалку во фудбалот. Но, откако се распадна бившата држава, малата земја покажа поинаква слика. Само Србија и Хрватска, како најголеми земји кои произлегоа од Југославија, кои имаат поголема фудбалска историја, поголема дијаспора се поуспешни со настапи на големите натпреварувања од Словенија. Но, кога станува збор за пресметки со поранешните браќа, откако земјата е независна, како да постои сè уште комплекс. Резултатите против 'југословенските браќа' и не се така добри, кога ќе се погледне комплетната фудбалска историја од независноста наваму“, пишува словенечкиот портал.

Словенија против бившите браќа има три победи во 25 меча и тоа по една со Србија (1-0), Македонија (1-0) и Црна Гора (2-0). И верувале или не, цели 19 години Словенија чекала да го скрши тој комплекс, а прв кој успеал е сегашниот селектор Матјаж Кек во 2011 година против Србија.

„Пред осум години, Кек успеа да го урне тој мит. Стана првиот селектор што успеал да ја однесе Словенија до победа против селекција од поранешна Југославија, без разлика дали се случило во официјален квалификациски или пријателски меч. Докажа дека Словенија може да ја надмине таа бариера која ѝ беше сериозна пречка. Колку време Словенија чекаше на таква победа, најдобро говори фактот дека е остварена во – 20-от обид! Пред таа победа, Македонија, Србија, Хрватска, БиХ и СР Југославија, како претходник на Србија беа непобледливи за Словенија“, додава порталот. .

Од победата со Србија, следна беше Македонија во 2016 во Копер, а последна е ланската со Црна Гора во Подгорица. Словенците се свесни дека засега „комплексот од бившите браќа“ е присутен во психата, но се надеваат дека во Скопје може тоа да го урнат, па со тоа и да ја подобрат статистиката во таквите пресметки.

„Во досегашната историја на квалификации, дали за СП или ЕП, шест пати во групата Словенија имала барем еден противник од бившата држава и досега нема ниту една победа. Седми пат Словенија ќе се бори за бодови со поранешните браќа. Што ќе направиме во Скопје ќе видиме, ама победата сè уште ја чекаме и тоа е доволен доказ дека постои 'југословенски комплекс'. За нас победата во Скопје ќе има двојно значење – ем ќе ја елиминираме Македонија од трката за Евро 2020, ем ќе го подобриме скорот во пресметките со земјите од екс-СФРЈ“, завршува анализата на „Сиол“.