Против Казахстан сме перфектни - победуваме и не примаме гол! (ВИДЕО)

Македонската фудбалска репрезентација вечерва со почеток од 20:45 часот игра важен квалификациски натпревар за СП против Казахстан, победа ни е неопходна за да ги задржиме шансите за првото место и директен пласман на Мундијалот.

Казахстан е селекција против која не сме играле многу, имаме два меѓусебни дуели, двата завршиле позитивно за нас.

Првиот беше во 2021 година како дел од подготовките за нашиот историски настап на Европското првенство. Во тој пријателски меч го победивме Казахстан со 4-0, а головите ги дадоа Алиоски, Тричковски, Милан Ристовски и Чурлинов.

Вториот меѓусебен дуел беше во јуни оваа година кога во рамките од овој квалификациски циклус го победивме Казахстан на негов терен со 1-0. Единствениот погодок го постигна Александар Трајковски.

И покрај тоа што загубија Казахстанците се покажаа во солидно светло, дури трипати ја погодуваа рамката од нашиот гол, а Димитриевски имаше и неколку одлични интервенции.

Досега со нив сме одиграле два меча, имаме две победи и немаме примен гол, таквата низа нека продолжи и по вечерашниот натпревар.