Поранешниот претседател на ФФМ доби двегодишна суспензија!

Фудбалската федерација на Македонија денеска информираше дека поранешниот прв човек на македонскиот фудбал добил две години суспензија за вршење било каква функција во фудбалот.

Сејдини казната ја доби поради сторено дејствие „измама и доведување во заблуда орган на фудбалска организација“, согласно член 84 од Дисциплинскиот правилник.

Имено, како штои се наведува, поранешниот претседател без потврда од Управниот одбор уплатил 20% од целосната сума 202.919.610,00 денари (3.2 милиони евра) или над 660.000 евра.

„Утврдено е дека Одборот за итност на ФФМ на 27.11.2024 година донел одлука за прифаќање на понуда од ДПТУ ЕНЕРГОИНВЕСТ ТРЕЈД ДОО Скопје, за изградба на трибина на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид, во износ од 202.919.610,00 денари без ДДВ, без услов за авансно плаќање, и го овластил тогашниот претседател Муамед Сејдини да потпише договор согласно прифатената понуда.

Истата одлука подоцна е потврдена и од Управниот одбор на ФФМ.

И покрај тоа, на 03.12.2024 година, Муамед Сејдини, злоупотребувајќи ја својата положба, потпишал договор со вметнат услов за авансно плаќање од 20%, кој не бил дел од прифатената понуда, при што авансот бил исплатен без обезбедена банкарска гаранција и без соодветно овластување.

Со ваквото постапување, Дисциплинската комисија утврди дека Муамед Сејдини го измамил и довел во заблуда Управниот одбор на ФФМ и нанел сериозна материјална штета на Федерацијата, поради што му е изречена соодветната дисциплинска санкција“, соопшти ФФМ.