Пандев: Не ни требаат навивачи кои ќе плукаат по репрезентацијата!

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Горан Пандев посочи дека очекува поддршка од навивачите од трибините, но само луѓе кои ја сакаат Македонија, а не „плукачи“, кои шират негативна енергија.

Пандев порача пред утрешниот клучен меч со Словенија на Националната Арена „Тодор Проески“, на стадион да не доаѓаат навивачи кои плукаат по репрезентацијата, туку тие што ја почитуваат.

„Не ни требаат луѓе што плукаат и ја напаѓаат селекцијата од трибини. Ни требаат тие што нè почитуваат. Ние си ја гледаме нашата работа, не нè интересира дали ќе има 15.000 или 30.000, ама сакаме да дојдат тие што вистински ја сакаат Макеоднија“, вели Пандев пред мечот со Словенците.

Капитенот посочи дека Словенија не е ништо подобра од Македонија, а кога тие може да се надеваат на пласман на Евро 2020, може и Македонија да се надева на таков историски успех.

„Атмосферата во тимот е на највисоко ниво и сите едвај чекаме да дојде мечот. Знаеме што ни носи победата, сакаме да покажеме дека оваа генерација заслужува да игра на големо натпреварување. Ако Словенија може да се надева на пласман, можеме и ние. Не гледам каде и во кој дел Словенија е подобра од нас. Ни фалат повредените, но без секој се може и утре ќе изгинеме на терен за трите бода“, посочи Пандев.

Додава дека Македонија ако ја повтори играта од Љубљама може да дојде до триумф утревечер.

„Кога не ги користите шансите, а таму одигравме добар меч, во вакви средби е проблем. Но, во Љубљана покажавме дека тие не се посилни од нас. И ако одиграме на исто ниво – нема да имаме проблем! Убеден сум дека утре оваа генерација ќе го покаже својот квалитет и ќе ги израдува навивачите“, заврши Пандев.