Незадоволни навивачи ја демолираа вечерва билетарата на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје, откако после 18 часот заврши продажбата на влезници за историскиот меч со Косово.

Навивачите кршеле оти биле бесни дека билетарата затворила „предвреме“, зашто на паното стоело работно време до 20.30 часот.

Вандалите го искршиле информативното пано, а ги оштетиле и ролетните на продажното место. Од ФФМ денеска во објавата за почетокот на продажба на влезници стоеше дека билетарата ќе работи секој работен ден од 10 до 18 часот, а дека билети може да се набават и во продажните салони на МК Тикетс. Не се знае зошто била напишана погрешна информација на паното. 

Почетокот на продажбата, наместо да биде празник за фудбалот, тргна со инцидент веќе на првиот ден, во кој денеска голем број навивачи од албанска националност изнакупуваа влезници за мечот на Македонија и Косово од плејофот во Лигата на нации за пласман на Евро 2020.

Но, за чудо, освен што до пред затворањето немаше турканици, останува нејасно како немаше никакво обезбедување пред билетарата иако во земјава владее голем интерес за присуство на стадионот.

Вака изгледаше преку ден билетарата...

..., а вака по нејзиното затворање и налетот на бесните навивачи.

На социјалните мрежи веќе излезе и видео како се демолира билетарата на нашиот најголем стадион.