Невидена суша: Македонија ќе остане без гол најмалку десет месеци

По вчерашниот пораз од Турција во Истанбул, фудбалската репрезентација на Македонија „врза“ осум натпревари без победа што е една од најголемите вакви серии во нејзината историја.

Најдолгата е во периодот од 3 септември 2000 до 27 март 2002 година кога нашиот национален тим имаше дури 18 меча без триумф. Во 2014 и 2015 година имаше уште една долга низа, тогаш ­од девет меча без победа и во меѓувреме и уште една, исто така со осум. Сепак, актуелната лоша серија се издвојува од претходните бидејќи веќе четири натпревари, Македонија е без постигнат гол.

И порано се случувало да имамме такви лоши серии, но никогаш не се случило репрезентацијата да биде без гол половина календарска година што секако ќе биде случај бидејќи следниот натпревар го играме на 26 септември против Швајцарија на домашен терен. Последниот гол Македонија го постигна на 18 ноември против Велс во Кардиф (пораз од 1-7) што значи дека ќе се навршат најмалку десет месеци без македонски фудбалер да се запише во листата на стрелците.

Дека ова не е само случајност или лош момент покажува фактот дека од 10 октомври, Македонија има само два гола, еден против Казахстан на домашен терен (1-1) и спомнатиот против Велс. Претходно, нашата репрезентација беше во серија од 13 натпревари со најмалку еден погодок, низа која почна на 7 септември 2024 година против Фарски Острови (1-1), а заврши точно една година подоцна (7 септември 2005) против Лихтенштајн во Скопје (5-0).