Надежите со Казахстан по трета победа: Да докажеме дека сме голем кандидат за ЕП!

Младата македонска репрезентација никогаш во историјата немала старт со три победи во едни квалификации, па дури ни со „златната генерација“ која пред две години играше на Евро 2017, па денеска (14.30 часот) против Казахстан на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ новата талентирана генерација има таква шанса да покаже дека е кадарна за учестно на нов континентален собир за две години.

После две победи со Фарски острови со 7-1 во Скопје и со Црна Гора со 2-1 во Подгорица, Македонија има шанса да направи прв сериозен чекор во овие квалификации и оваа генерација повторно предводена од Благоја Милевски да потврди дека селекцијата има капацитет да донесе нов успех и нов настап на собирот на сите таленти на Стариот континент.

Против себе Македонија има незгоден ривал, кој има ист број на бодови како нас и првиот фаворит Шпанија (по 6), но од четири одиграни мечеви. Казахстанците досега победија на две гостувања, кај Фарските острови со 3-1 и во Црна Гора со 1-2, а ги загубија домашните мечеви од Шпанија со 0-1 и од Израел со 1-2, во меч на кој промашија пенал кој можеше да донесе поинаков тек на мечот зашто беше при резултат 1-1. Двете победи на гостувањата се знак дека Казахстанците не се наивни, за што се свесни сите во нашата селекција и дека нималку не смее да се потценат, што е само најава дека макеоднските надежи повторно со борбена, дисциплинирана игра може да се изборат за нова победа.

И после двата триумфи на стартот, јасно е дека Милевски нема што да менува, па повторно истиот тим би требало да настапи, а повторно основата за триумф ќе биде средниот ред со Здравковски, Даци и херојот од Подгорица, Јани Атанасов, а нападот со Чурлинов, Митревски (заедно дадоа пет гола од седумте со Фарски острови) и Ристовски.

„Нè чека противник кој е квалитетен, физички силен и со правилен пристап можеме до три бода. Не се сомневам дека заедно сите ќе дадеме сè за на крај да се радуваме. Воопшто не се наивни, играат брзо, тактички се одлично подготвени и мора да бидеме внимателни постојано. Наше е да одиграме како што ќе каже селекторот“, велат фудбалерите пред мечот.

За Македонија овој меч е исклучително важен за амбициите на генерацијата да го повтори успехот, но далеку од тоа дека е клучен. Важен е зашто со победа освен што ќе го задржиме максималниот ефект, победата е неопходна од причина што до крајот на годинава имаме само едно тешко гостување и тоа идниот месец во Алкоркон кај европскиот првак Шпанија, а потоа нè чека гостување кај аутсајдерот Фарски острови, кога Израел ќе ја пречека „црвената фурија“. Шпанците денес гостуваат во Подгорица (18.45), а Израел е домаќин на Фарски Острови (18.35) и поради сето тоа, пожелна и добредојдена е победа со Казахстан за да се издвоиме како кандидати за Евро 2021.

Од досега одиграните мечеви во групата Македонија и Шпанија имаат по шест бода од два меча, Казахстан следи со исто бодовно салдо од четири, Израел има три бода од еден меч, а Црна Гора три бода од четири меча. Фарските острови се последни без бод од три дуели.