Миовски донесе голема радост, но Велс во последната секунда дојде до реми (ВИДЕО)
Ова беше сигурно најемотивниот меч за нашата селекција од нејзиното формирање пред три ипол децении, бидејќи се играше само една недела по ужасниот пожар во Кочани во кој загинаа 59 лица, а повеќе од 150 беа повредени. Емоциите беа пуштени на најсилно кај повеќе од 25.000 публика, која во 59. минута со громогласен аплауз им оддадоа почит на настраданите во големата несреќа. Финишот долго ќе се раскажува, но на крајот нерешениот исход е сосема реален со оглед на прикажаното.
Бојан Миовски донесе ерупција од воодушевување на стартот од првата минута од судиското надополнување, кога мајсторски ја искористи кардиналната грешка на Џо Ален, најискусниот дефанзивец кај велшкиот тим. Напаѓачот на Жирона без милост го постигна својот осми погодок во репрезентативниот дрес. Но, кога сите го очекуваа последниот свиреж како знак за огромна радост, противникот умешно се снајде во нашиот шеснаесетник и преку Дејвид Брукс изедначи буквално во последната секунда, по уште една огромна дефанзивна грешка, овој пат на нашиот Димоски, кој ја промаши топката при нејзиниот пат кон нашата мрежа.
Велс, реално, беше подобар противник и имаше повеќе шанси за погодок, меѓу која една беше ептен изгледна, кога Муслиу ја отстрани топката буквално од гол-линијата. Во вториот меч од нашата група, Казахстан како гостин рутинирано го совлада Лихтенштајн (2-0). Нашите момци следниот предизвик ќе го имаат во месец јуни, кога ги чекаат две гостувања и тоа прво кај Белгија, а потоа и кај Казахстан.