
Милевски: Секој следен натпревар е најважен, сега сме фокусирани само на Казахстан
Во Скопје гостува Казахстан кого во јуни го победивме на гостински терен, но тоа е веќе заборавено и сите се фокусирани на утрешниот меч кој мора да се добие. Македонија нема право на кикс во последните две кола во кои, освен Казахстан, се среќава и со Велс, но селекторот Благоја Милевски е фокусиран само на она што ќе се случува утре.
„Секој натпревар е важен, секој следен е најаважен, па така Казахстан е сега и тој е најважниот. Секако, ќе биде тешко, покажа Казахстан и на нашиот прв натпревар дека е квалитетен тим. Сега има нов селектор, со нова филозофија, па можби ќе ни биде потешко за анализа, но верувам дека сме подготовени да одговориме на секој предизвик кој ќе го имаме утре. Не размислуваме за други натпревари, нашиот фокус во овој момент целосно е како ние да одиграме подобро и да дојдеме до трите бода утре“, рече Милевски.
Медицинскиот билтен, главно, е поволен со тоа што селекторот има еден проблем, поврзан со Муслиу кој се повреди во петокот и мораше предвреме да го напушти теренот.
„Медицинскиот тим и сите останати направија се што треба за фудбалерите да се рехабилитираат на најдобар начин. Со Висар Муслиу ќе чекаме до последен момент, да видиме дали ќе може да настапи. Момците како и секогаш, се оставаат на страна, како повредите и заморот, па така сигурно и утре ќе бидат максимално подготвени. Се надевам дека сите ќе бидат здрави и способни да бидат во функција на тимот и по денешниот тренинг. Столе ќе одмара во вторник, а до тогаш како и сите други е подготвен да даде се од себе за исполнување на целта“, додаде селекторот.
Пред утрешниот натпревар, Македонија е на чело на табелата во својата група со 12 бода, еден повеќе од Белгија и два од Велс.