Данев: Ерменија ни даде „крилја“ - одиме на победа и против Црна Гора!

По победата од 2-1 над Ерменија, македонската фудбалска репрезентација до 21 година се подготвува за дуелот со Црна Гора кој го играме во вторник на гостински терен.

По поразите од Полска и Италија, Македонија ја совлада Ерменија, а тоа ја крена атмосферата во составот на Македонија и им даде самодоверба на избраниците на Станиќ дека можат подобро од тоа што го покажаа на стартот од квалификациите за ЕП.

Фудбалерот на Вардар, Димитар Данев верува дека можат со целиот плен да се вратат од Црна Гора.

„Триумфот против Ерменија пред домашната публика ни даде „ветар во грб“ што се вели. Победата е во вистински момент, на најдобар начин пред наша публика. Атмосферата сега ни е на највисоко ниво. Нема потреба од еуфорија во нашиот табор, туку сосема спротивно. Концентрирано и одговорно одиме во Црна Гора да одиграме уште еден дуел и да освоиме нови бодови. Што се однесува до противникот, се работи за добар состав, кој како и секој друг ривал има позитивни но и негативни страни. Наше е да ги поправиме техничките грешки во нашата игра, да го подигнеме нивото на уште едно скалило и нормално да ги освоиме бодовите кои ќе ни дадат уште поголем стимул и подобра позиција во овие квалификации“, изјави Димитар Данев.