Милевски повика засилување за нападот – дебитант од Австрија Клагенфурт!

Македонската фудбалска репрезентација доби засилување пред претстојниот квалификациски двомеч за Светското првенство 2026, откако селекторот Благоја Милевски дополнително повика уште еден напаѓач – Давид Тошевски.

Станува збор за 23-годишен голгетер на Австрија Клагенфурт, кој во одлична форма влегува во репрезентативниот циклус, откако минатиот викенд постигна убав гол против Алтах (2-2). Со ова, тој целосно ги остави зад себе проблемите со повредите што го мачеа во минатото. За него ова е прв повик во најдобрата селекција на Македонија.

„Ова е голема вест за Давид, но и за нашиот клуб. Горди сме што имаме репрезентативец во своите редови и уверени сме дека ќе се претстави во најдобро светло и на национално ниво“, изјави спортскиот директор на Австрија Клагенфурт, Гинтер Горенцел.

Поради повреди, од првичниот список на селекторот Благоја Милевски, пак, отпаднаа Милан Ристовски и Лирим Ќамили, додека настапот на Стефан Ашковски е под знак прашалник поради повреда на зглобот, а неговата состојба ќе биде дополнително проценета од медицинскиот тим. Македонскиот тим веќе ги започна подготовките, а в четврток патува за Лихтенштајн, каде што в сабота во Вадуц ќе го одигра првиот квалификациски натпревар. Вторник е резервиран за домашниот дуел против репрезентацијата на Велс.