Штимац му одбруси на Гатузо: Имаш среќа што не бев јас до тебе кога се закануваше!

Фудбалерите на Ријека викендов го совладаа Хајдук (3-0) со што ја презедоа првата позиција на табелата, во меч кој беше во сенка на вербалниот конфликт меѓу тренерот на Хајдук, Џенаро Гатузо и новинарот на ХРТ, Јошко Јеличиќ, кој е поранешен репрезентативец на Хрватска.

Инцидентот се случи по натпреварот, кога Гатузо одби да се ракува со Јеличиќ и влезе во жестока расправија со него, дури и на шпански јазик. Овој настан предизвика бројни реакции, вклучително и од легендата на Хајдук, Игор Штимац, кој отворено го критикуваше италијанскиот стратег.

„Иако сум кум на Јошко и сме добри пријатели, немам причина да бидам субјективен. Однесувањето на Гатузо не доликува на еден светски првак, ниту на тренер на Хајдук. Без разлика на иронијата во коментарите на Јеличиќ, тој професионално ја врши својата работа и неговите анализи ги поддржува мнозинството гледачи,“ изјави Штимац.

Тој го критикуваше и учинокот на Гатузо во Хајдук, истакнувајќи дека тимот не покажал ништо во клучниот дуел со директниот конкурент за титулата.

„Што донесе Гатузо за платата што ја прима? Во најважниот натпревар неговиот тим немаше конкретна игра, само еден удар на гол. Играчите не се поставени на своите позиции, а по ваков пораз тој си дозволува да се заканува во студио. Добро е што не бев таму, немаше да му помине лесно“, додаде Штимац.

Овој конфликт само ја зголеми тензијата околу Хајдук, кој сега е под притисок во борбата за титулата, додека Ријека ужива во водечката позиција на табелата.