Милевски: Од Македонија (ќе) зависи изгледот на табелата во Лигата на нации!
Тој на прес-конференција го образложи својот избор и проговори за тие што не се дел од националниот тим и зошто е тоа така.
„Трапановски нема да игра поради повреда на тренинг и ќе мора да паузира четири до шест недели. Се надевам, пак, дека Трајковски ќе биде фит и ќе ни биде на располагање, додека Дарко Велковски нема клуб и жалам што не е во посакуваната форма. Не сум задоволен од статусот на Елези во тимот на Бохум. Потребен ни е таков играч, беше со нас на минатите собир, но штета е што не игра. Во моментов ми е најважно здравјето на фудбалерите. Не можеме да зборуваме за натпреварувачка форма, тимот го градиме веќе три години и не сме во позиција да го менуваме пред секој собир. Фудбалерите кои се повикани се најдобрите во моментот, без разлика за формата. Секогаш се тука за Македонија и тоа е најважно и на прво место за моментот“, изјави Милевски.
Селекторот смета дека конечниот изглед на табелата зависи од Македонија.
„Нè очекуваат гостински мечеви со Летонија и Ерменија. Ме радува фактот и се надевам така ќе остане, дека сè зависи од нас. Македонија се прашува за изгледот на табелата во оваа Лига на нации. Ќе бидеме задоволни ако и по овој собир бидеме на првото место, каде што сме сега“, изјави Милевски.
Македонија по првите две кола е лидер во групата со четири бода пред Ерменците и Летонците кои имаат по три. Мечевите во октомври можат да бидат клучни во битката за првото место. Собирот на репрезентативците е закажан в понеделник, а попладнето ќе се одржи и следниот тренинг. Патувањето кон Летонија е закажано за на осми октомври (вторник).