Македонската фудбалска репрезентација после ден одмор и тренинг само за тие што не играа против Малта во победата со 2-1, денеска го одржа првиот од двата подготвителни тренинзи за понеделничкиот контролен меч со Фарските острови (18 часот) на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје.

И иако селекцијата е ослабена за „единицата“ Столе Димитриевски, за Аријан Адеми, Висар Муслиу и Ѓоко Зајков, Македонија ќе се обиде да врзе две победи во низа како „загревање“ и за многу поголемите предизвици во јуни во продолжението на евроквалификациите. Фарските острови доаѓаат во Скопје по ремито во квалификациите против Молдавија на гости (1-1).

И за задутрешниот меч двајца дебитанти очекуваат прв настап, Давор Здравковски и новоповиканиот Јован Манев, екс-младински репрезентативен стопер од Адана Демирспор, кој веќе се приклучи на националниот тим.

А, во подготовката за Фараните, Милевски со фудбалерите одиграа партија од ултрапопуларниот текбол, спортот кој е неверојатно атрактивен и кој неодамна имаше своја промоција со турнир во СЦ „Јане Сандански“.