ФИФА ни направи услуга – измисли систем во кој нема да играме со најдобрите!

Со вчерашната победа над Летонија, македонската фудбалска репрезентација ја оствари целта во Лигата на нации, се пласиравме ниво погоре во ова натпреварување, следниот важен фокус ќе ни бидат квалификациите за Светското првенство кое ќе се одржи во 2026 година.

Финишот на Лигата на нации открива детали и за квалификациите за СП. УЕФА значително го промени системот и во завршницата на ЛН и во квалификациите за СП, а тоа влијае и на Македонија.

Вкупно 54 европски репрезентации ќе учествуваат во квалификациите, ќе бидат поделени во дури 12 групи. Веќе е познато дека шест групи ќе бидат со по пет репрезентации, а шест групи ќе бидат со по четири.

Квалификациите во групите кои ќе имаат по пет репрезентации ќе почнат веќе во март, а квалификациите во групите кои имаат по четири селекции ќе стартуваат дури во септември. Веќе од прилика се знае кои селекции ќе одат во групи со пет, а кои во групи со четири репрезентации.

Поради начинот на завршница од Лигата на нации и освоеното прво место во групата Ц, Македонија ќе оди во група со по пет репрезентации и квалификациите ќе ги почнеме во март.

Вкупно 24 репрезентации кои играат во Лигата на нации ќе имаат обврски во ова натпреварување и во март, за тоа значи дека тие ќе бидат влечени во групи со по четири репрезентации.

- По две првопласирани репрезентации од четирите групи во Лига А одат во четвртфиналето од Лигата на нации кое се игра во март (вкупно 8 репрезентации).

- Четири третопласирани репрезентации од четирите групи во Лига А ќе играат бараж за опстанок во Лига А против четири второпласирани репрезентации од четири групи во Лига Б. Овој бараж исто така се игра во март (вкупно 8 репрезентации).

- Четири третопласирани репрезентации од четири групи во Лига Б ќе играат бараж за опстанок во Лига Б против четири второпласирани од четирите групи во Лига Ц. Овој бараж исто така се игра во март (вкупно 8 репрезентации).

- Баражот меѓу Лига Ц и Д е преместен за март 2026 година со цел квалификациите да можат да се одиграат во адекватен формат.

Овие 24 горенаведени селекции поради тоа што ќе имаат обврски во март, нема да можат да бидат сместени во групи со по пет селекции. Па тие ќе се најдат во групи со по четири.

Следните 30 селекции меѓу кои и Македонија ќе бидат во групи со по пет репрезентации.

- 4 селекции кои се последни во своите групи во Лига А (немаат никакви обврски во март).

- 4 првопласирани селекции од групите во Лига Б и четири четвртопласирани селекции во групите од Лига Б (вкупно 8 селекции - немаат никакви обврски во март).

- 4 првопласирани, 4 третопласирани и 4 четвртопласирани селекции од групите во Лига Ц (вкупно 12 селекции - немаат никакви обврки во март).

- Сите 6 селекции од Лига Д (немаат никакви обврски во март).

Ваквиот формат е поволен за Македонија бидејќи е сигурно дека за противници нема да ги добиеме селекциите на Шпанија, Португалија, Италија, Франција, Белгија, Холандија, Хрватска... сите тие ќе имаат обврски во март во Лигата на нации.

Од сето ова наведено и од претходно познатото, Македонија во квалификациите за СП ќе биде во група со пет репрезентации, ќе почнеме во март, ќе бидеме влечени од третиот шешир што значи дека ќе добиеме две подобро рангирани селекции од нас и две послаби.

Првопласираните од 12. групи одат директно на Светското првенство, второпласираните заедно со уште четири селекции од Лига на нации ќе играат баражи од кои Европа ќе добие уште четири учесници на Мундијалот во САД, Канада и Мексико.