Македонија успешно го мина првиот сериозен тест – од Словенија се враќа со бод (ФОТО+ВИДЕО)
Македонија вечерва го положи првиот сериозен тест на своите големи амбиции за да игра на Евро 2020, па по серијата победи против фудбалските „пациенти“ во Лигата на нации и против Летонија на стартот на овој циклус, сега го положи тестот и со играта и со резултатот и најави сериозен квалификациски циклус во кој до крај ќе се бори за првите две места и виза за Евро 2020.
Енис Барди три минути по стартот на вториот дел погоди во мрежата на Јан Облак, на асистенција на Езџан Алиоски за да израмни и да се извади за големата утка пред полувремето, кога имаше извонреден зицер, сам пред словенечкиот голман, но биеше над голот.
Словенија поведе од својата втора шанса по половина час игра, кога Миха Зајц со глава го матираше нашиот голман Столе Димитриевски.
Македонија успеа да остане непоразена и да ги исполни зацртаните цели од Словенија да се врати со позитивен резултат, иако имаа црвено-жолтите повторно многу можности за да го загрозат голот и да исчекорат кон победата. Но повторно недостигаше завршното додавање, шут, асистенција за да влезат во сериозна шанса и да погодат за триумф. Сепак, кога сè ќе се додаде и одземе, ремито делува и најреално, зашто Словенците имаа уште две одлични шанси преку Андреж Шпорар на стартот од мечот и преку стрелецот Зајц пет минути по израмнувачкиот гол, но во двете ситуации прво Димитриевски излезе како победник, а потоа и Егзон Бејтулаи кој со лице спаси чист гол пред празната мрежа.
Од друга страна, Барди имаше шанса да израмни пред полувремето, а во вториот дел по отворената игра во доста нервозниот и тензичен меч со шест жолти картони, не успеавме можностите да ги претвориме во многу сериозни шанси и да стигнеме до триумф.
Елиф Елмас на 15 минути пред крајот имаше шанса за втор гол, но биеше директно во Облак од откосо од левата страна од седум метри.
Ова е прво реми на Словенија и Македонија во петтиот меѓусебен меч во историјата, по трите триумфи на нашата селекција и еден на Словенија во пријателските четири пресметки до овој.