Македонија отвора ново поглавје: Милевски (ќе) треба да ги надгради успесите во уште поголеми!

Македонската фудбалска репрезентација отвора вечерва нова страница, после историскиот настап на Еуро 2020 со што заврши пет ипол годишниот мандат на Игор Ангеловски, па доскорешниот кормилар на младата селекција Благоја Милевски ќе ја почне својата „сениорска авантура“, со нов бран на младинци како надополнување на „златната генерација“ и без долгогодишниот капитен и лидер Горан Пандев.

 

Македонија по две победи и пораз со шест бода од мартовскиот старт на мундијалските квалификации, го пречекува стариот познаник Ерменија, во првиот од трите меча со директните конкуренти кои се надеваат најмалку за второ место и бараж, па колку и да е главната цел на Милевски како селектор и на ФФМ за втор настап на ЕП во 2024 година, од оваа генерација во моментов се очекува најмалку до крајот на циклусот да останат конкурентни за тоа второ место, па и за пласман во баражот.

Милевски и дел од актуелниот тим пред четири години први го скршија мразот со настапот на младинското Еуро 2017, по што почна ренесансата на македонскиот репрезентативен фудбал со кулминација на најголемиот успех, настапот на континенталниот шампионат летово на А-тимот. „Децата“ кои пред шест години тргнаа да го градат успехот во младинската селекција сега веќе пораснаа, созреаа, потенцијалот на националниот тим е уште поголем, а оттаму и притисокот после убавите години уште поголем за Милевски, да се продолжи и да се надградат досегашните успеси со уште поголеми.

„Иако кратко беше времето и не успеавме до крај да ги пренесеме нашите идеи и замисли јас сум оптимист, зашто од тоа што го очекував уште попозитивно бев изненаден од односот на сите и тоа ме прави уште поголем оптимист за мечот, зашто верувам во нивниот професионализам, квалитетот и фактот дека сите се добри карактери. Досега А-тимот функционираше на индивидуалниот квалитет, но сега целата концентрација е да функционираме како тим“, вели Милевски.

После 122 меча и 38 гола, Македонија на терен остана без лидерот Горан Пандев, чиј недостаток е сериозен хендикеп, зашто и низ блиското минато, неколкупати се покажало дека Македонија не е иста со и без калчолигашкиот ас. Кој ќе се наметне како лидер, теренот допрва ќе покаже, но црвено-жолтите ќе мора да изнајдат решение како да се надомести отсуството на својот најдобар фудбалер. Индивидуално тешко дека некој ќе може така брзо да го надомести Пандев, па ќе мора тимски да се пополнува дупката, со преземање на уште поголема одговорност на теренот и тоа од неколкумината кои се огромен потенцијал за најмалку цела една деценија на репрезентацијата, пред сѐ Енис Барди и Елиф Елмас.

„Неминовно е да дојде до промени, до одредено освежување, но поголемиот дел од фудбалерите кои се тука, ги стартуваа овие квалификации и јас знам и верувам дека сите ќе го дадат максимумот и ќе покажат дека со право се тука“, додава Милевски.

Оваа репрезентација покажа многупати дека е голем потенцијал, најсвежа е епската победа со Германија, но секој настап било да бил лош, просечен или добар, секогаш оставало впечаток дека може уште подобро. На Милевски сега е да го направи тој чекор, Македонија да биде уште подобра, како фудбалски на терен, така и резултатски. За почеток има веќе изграден костур на тимот, добро познати имиња и дури 17 фудбалери од 26 со кои веќе работел, па сето тоа треба да му ја олесни задачата.

Ерменија е прв сериозен тест, ни доаѓа како лидер со максимални девет бода, но стар познаник кој барем во Скопје во последните три години двапати го победивме. Шансата за да се освои првото место со победа не смее да се пропушти, зашто после трите порази на ЕП, триумфот повторно ќе го врати победничкиот менталитет и самодовербата на тимот, пред следните два предизвици, како гостувањето на Исланд, па домашниот меч со Романија.

Од новиот селектор јавноста очекува да донесе нови „ветришта“, нов елан, нови идеи, покомпактен тим, уште постабилна и сигурна игра и секако тоа да преточи добри резултати. Самиот факт дека тимот е безмалку изграден, а сѐ друго се финеси и нијанси на тактичко-технички план, не остава простор за алибија дека се гради нов тим, па затоа и резултатскиот континуитет ќе биде во преден план, а транзицијата на тимот после заминувањето на капитенот ќе треба што по безболно да се надмине во од, а најдобар начин за тоа е ако победите продолжат и без него.