Македонија напредуваше едно место на ФИФА-листата

Македонската фудбалска репрезентација ги загуби шансите на две кола пред крајот во евроквалификациите за да извади директна виза за пласман на ЕП 2020 низ Европа по поразот во Варшава од Полска (0-2), но црвено-жолтите како што беше најавено напредуваа на ФИФА-листата овој месец за едно место поради триумфот против Словенија во Скопје (2-1).

Македонија минатиот месец беше 69-та и имаше напредок после четирите бода од септемвриските мечеви за две позиции, а сега дополнително се искачува за уште едно место до 68-та позиција со 1.344 рејтинг-поени, освојувајќи плус пет во однос на септемвриското рангирање кога имавме 1.339 поени. Искачувањето за едно место е поради поголемиот број на бодови освоени со Словенците во однос на тоа што загубивме од поразот во Полска, а сега патем македонските фудбалери се на само 23 рејтинг-поени од Словенија, која со двата порази месецов назадуваше за цели седум позиии и дојде на 65-то место на ранг-листата.

Зад Македонија останува Израел на 88-та позиција со назадување за две позиции, а оваа земја е наш последен противник во евроквалификациите на 19 номеври во Скопје. Три дена претходно ќе се соочиме со Австрија, која практично ќе го заверува пласманот на Евро 2020, а Австријците со скок од две позиции сега се на 25-то место месецов. Најдобра селекција од нашата група останува Полска на 21-то место со напредок од едно место. Летонија останува најслаба сега на 143-та позиција со пат од четири места.

На врвот нема промени во првата четворка, па Белгија останува лидер пред Франција, Бразил и Англија, а Уругвај сега влегува во топ пет на местото на Португалија, која назадува за една позиција на шестото. Во топ десет се уште и Хрватска, Шпанија, Аргентина и Колумбија, кои си ги заменуваат местата во однос на минатиот месец.