„Македонија мора да се потпре на сите квалитетни фудбалери - без исклучок!“
Тие имаа состанок во „Куќата на фудбалот“, каде што разговараа за актуелните теми поврзани со репрезентацијата, но и други аспекти кои ќе бидат важни за подобро утре на националниот тим.
„Имавме отворен и пред сè искрен разговор. Претседателот на федерацијата ја повтори искажаната поддршка за работата на А македонската репрезентација. Со Горан се согласивме дека репрезентацијата секогаш треба да биде над сите нас. Тоа е национален интерес и секогаш ќе биде во прв план. Сите треба да се ставиме во функција на тоа и на Македонија. Се надевам дека ќе имаме добра соработка во интерес на тимот, но и на сите кои ја поддржуваат македонската репрезентација“, кажа селекторот Милевски.
Пандев, од друга страна, посочи дека разговарале со селекторот за подобра иднина на репрезентацијата.
„Драго ми е што отворено разговаравме за тоа што може да биде подобро во иднина и дека заедно ќе се стремиме да одиме напред кон нови победи. Заедно со претседателот Омерагиќ ни беше важно да разговараме отворено со селекторот за сите теми и му благодарам што го сфати она што го сметаме за правилно, а тоа е дека како мала држава мораме да се потпреме на сите расположливи сили и фудбалерите кои имаат квалитет мора да помогнат и со настапи во репрезентацијата. Секако, доколку тоа го заслужуваат. Верувам дека ги решивме сите такви прашања и се радувам на новите предизвици“, посочи Пандев.