Застана Левандовски, застана и Барселона

Екипата на Барселона поминува низ голема резултатска криза која придонесе да падне од првата на третата позиција на табелата во Ла Лига.

Падот во формата коинцидира со неефикасноста на најдобриот стрелец во тимот Роберт Левандовски. Додека тој постигнуваше голови, Барса буквално ги газеше ривалите и во таа низа уништи неколку големи имиња, како Баерн и Реал. Во првите 11 кола од сезоната, заклучно со Ел Класико, Полјакот постигна 14 гола и се искачи убедливо на првото место на листата на стрелвите во Ла Лига.

Сликата целосно се промени од почетокот на ноември. На последните осум меча во шпанското првенство, Левандовски постигна само два гола и тоа на гостувањата кај Селта и Бетис, а двата меча завршија со идентичен резултат, 2-2. Во овие осум кола Барселона освои само осум бода, два пати победи, два пати одигра нерешено и доживеа дури четири порази.

Интересно е тоа што и покрај двомесечниот пост, Левандовски се уште е прв стрелец во Ла Лига, со пет гола повеќе од својот соиграч Рафиња кој е второпласиран.