Македонија – Косово на 8 октомври, визата за Евро 2020 ќе ја бркаме на 12 ноември!

Македонската фудбалска репрезентација во септември после десет месеци пауза ќе се врати на фудбалскиот терен со воведните два меча во второто издание од Лигата на нации, а на 8 октомври ќе го одигра историскиот и долго очекуван меч со Косово од плејофот во Лигата на нации за пласман на Евро 2020, одлучи денеска УЕФА.

Според планот кој повеќе од два месеци се разработуваше во Нион, од септември до ноември ќе се одигра групната фаза од второто издание на Лигата на нации со по два меча во еден месец, а во октомври и ноември на тие два меча ќе бидат додадени баражите. Така Македонија паралелно ќе игра групна фаза со Грузија, Ерменија и Естонија, а потоа во октомври ќе се соочи со Косово, а ако помине еден месец подоцна во Грузија или Белорусија на 12 ноември ќе се бори за историски прв настап на Евро 2020.

Македонија и Косово требаше да играат на 26 март, но пандемијата со коронавирус го одложи мечот за јуни, ама и вториот термин не се реализира поради здравствената криза, па сега црвено-жолтите добија трет термин за тој историски меч. Дуелот треба да се игра на Националната Арена „Тодор Проески“ за кој билетите беа распродадени за два дена.

Џорџо Маркети, првиот човек на натпреварувачката комисија на УЕФА денеска ги соопшти новите термини.