Македонците во шок – дочекаа полицијата да ги праша како си поминуваат во Букурешт!

Македонските навивачи кои се групираа на добро познатото место во стариот град на Букурешт денеска беа шокирани од постапката на локалната полиција, кои буквално поединечно ги анкетираше за тоа како се задоволни од нивниот однос за време на престојот во романската престолнина.

Од Букурешт, Романија

ИГОР КРСТЕВСКИ

Заедно со романските чувари на јавниот ред и мир беа и претставници на македонското и на украинското МВР, како заеднички таск-форс со цел да нема инциденти за време на средбите од ЕУРО 2020 во Букурешт. Вакво нешто е незамисливо за односите на македонските полицајци и навивачи, кои најчесто се повеќе воинствени отколку вака пријателски.

„Тука сме исклучиво за безбедност на фановите од Македонија и да следиме да не влетаат во проблеми со романската полиција. Иамем заедничка единица со нив и со Украинците и работиме цел ден за се да мине во најдобар ред. Токму и оваа прошетка низ стариот град и анкетата со Македонците за тоа дали имале било какви проблеми досега е со цел да се увидат евентуалните пропусти. Очекуваме околу 10.000 навивачи на Македонија и Украина на утрешната пресметка, поради што мора да сме максимално подготвени“, ни изјави македонскиот полицаец на задача во Букурешт.

Според информации, за македонските навивачи во моментов се задолжени 1.000 романски полицајци распределени на сите локации каде што тие се движат и собираат. Досега нема забележани ниту еден инцидент или било каков проблем, а така очекуваат да биде и денеска и утре. Неколку претставници на МВР има и во Холандија, каде што жолто-црвените ќе го одиграат третиот меч од групната фаза и тоа во Амстердам на 21 јуни.