Лесна победа и ништо друго: Македонија мора да го прослави јубилејот со триумф!

Македонската фудбалска репрезентација вечерва од 20.45 часот ќе тргне по третата победа во групата Д од Д-дизвијатата во Лигата на нации против аутсајдерот Лихтенштајн, за да го продолжи победничкиот од кој треба да ја донесе зацртаната цел прво место во групата и пласман во плејофот за Лигата на нации. На денот кога македонската селекција слави голем јубилеј од 25 години од првиот меч во Крањ, желбите на цела Македонија е денот да се одбележи со триумф, а со тоа да се продолжи походот кон првото место во групата.

По двете победи со по 2-0 изминатиот месец на стартот на новоформираното натпреварување, Македонија против Лихтенштајн ја има шансата за да го продолжи победничкиот од, па лесна победа со половина сили би било идеално сценарио за црвено-жолтите, со цел да ги сочуваат силите и во вторник против Ерменија практично да го обезбедат првото место, чија заверка ќе остане со рутински победи идниот месец со двата најслаби тимови во групата (Лихтенштајн на гости и Гибралтар дома).

Македонија само еднаш има лоши спомени од пресметките со Лихтенштајн и тоа од пред 16 години, кога во судиското надополнување загуби два бода и ремизираше 1-1. Сите други пет меча се рутински победени, а сè уште стои нашиот најголем триумф во историјата против вечерашниот противник од пред 22 години со 11-1. Македонија во минатата година, во март на гости и во октомври дома победи со вкупни 7-0 (3-0, 4-0), а има триумф од 2003 година со 3-1 и од 1996 година со 3-0 во петте триумфи. Севкупно само трипати Лихтенштајн успеал да погоди во нашата мрежа, па вчерва Пандев, Алиоски, Барди, Трајковски, Несторовски и останатите не би требало да имаат проблем за да победат.

„Сите победи, па и двете од лани, се само убави спомени, но сега пред нас е нов предизвик, а за тој ќе мора повторно да бидеме мамсимално сконцентрирани, да ги одработат играчите своите задачи, а на противникот да не му оставиме многу простор за игра. Не бегаме од фаворитската улога, тоа постојано го потенцирам. Најважно е да победиме и да ја продолжиме серијата“, вели селекторот Игор Ангеловски во пресрет на мечот.

Македонската селекција вчера ја стресе стомачен вирус, а петмина фудбалери и тоа поголемиот број од нив од средниот ред не тренираа, но се очекува сите да бидат во конкуренција за мечот и Ангеловски да истрча со најсилниот состав. Идеално сценарио е Македонија во првата половина од првиот дел да го отвори мечот за да уште посмирено игра и создава шанси за поубедлив триумф. Лихтенштајн на првото гостување во оваа Лига на нации ја намачи Ерменија, па за очекување е дека ќе играат згустанто и тотално дефанзивно, за да чекаат простор за противнапади.

Судија на мечот е Израелецот Раи Рајншрајбер, а ќе му помагаат сонародниците Дени Красиков и Давид Елијас Битон, како и дополнителните судии зад головите Орел Гринфелд и Зив Адлер. Четврти судија е Амихај Јехошуа Мозес, исто така од Израел. Билетите за мечот се по 100 и 150 денари, а пред мечот ќе се продаваат на билетарата на источната трибина од нашиот најголем стадион.