„Л'Екип“: Македонија – Косово скоро сигурно ќе играат без - гледачи!

Тоа што од поодамна е јасно, но и понатаму нема дефинитивна и конечна одлука, е дека историскиот меч на Македонија со Косово во полуфиналето од бараж плејофот во Лигата на нации за место на Евро 2020, ќе се игра без публика. Најугледниот спортски весник „Л'Екип“ објави дека УЕФА веќе размислува на тоа сценарио, а првиот човек на француската федерација потврдил дека слушнал за идеите во Нион.

УЕФА по ждрепката за рестартот на сезоната во Лигата на шампионите и Лига Европа објави дека мечевите од актуелната, но и од новата сезона ќе се играат без публика, зашто во моментов во ек на глобалната пандемија со коронавирус, преризично е да се отворат стадионите, иако низа земји веќе го сторија тоа или најавуваат дека ќе го сторат од септември.

Сега, „Л'Екип“ посочува дека во Нион сериозно се разгледува опцијата да се официјализира забраната за гледачи за репрезентативните мечеви во септември и октомври, што би значело дефинитивно дека Македонија својот историски полуфинален бараж ќе го игра на празната Национална Арена „Тодор Проески“ во Скопје на 8 октомври.

„Слушнав за ова, дека и репрезентативните мечеви ќе се играат без гледачи, ама детали не знам сè уште“, рекол Ноел Ле Гаре, првиот човек на францускиот фудбал.

Франција објави дека дозволува до 5.000 гледачи на стадионите, но тоа ќе важи само за домашните натпреварувања, зашто во европските, УЕФА веќе забрани присуство на публика во клупските мечеви, за новата сезона која стартува од 20 октомври, а еве сега во најава е и комплетна забрана најмалку за два месеци. УЕФА неодамна објави дека се забранува присуство на гледачи во европските клупски натпреварувања, но немаше одлука за мечевите на репрезентациите.

Новото зголемување на заразените во најголем дел од Европа од ковид-19, секако е една од големите причини за евентуалната ваква одлука.

Македонија и Косово требаше да играат во март, но почетокот на пандемијата го одложи мечот, а потоа не успеа ниту опцијата за доигрување во јуни, па УЕФА дури на 17 јуни најде трет термин за баражите, преку кои треба да се добијат последните четири учесници на Евро 2020, кое е презакажано за идното лето од 11 јуни до 11 јули во десетте претходно избрани градови на Стариот континент.