Кој чека, ќе дочека: Димитриевски конечно ќе дебитира за Валенсија во Ла Лига!

Македонскиот репрезентативен голман, Столе Димитриевски, конечно ќе ја добие првата шанса да брани за Валенсија во шпанската Ла Лига, откако неговиот конкурент на линијата се повреди на последниот натпревар против Рајо Валјекано.

Грузиецот Гиорги Мамардашвили, кој беше прв голман на сите досегашни средби во лигата, ќе мора да паузира поради сериозна повреда на десната нога. Според лекарските проценки, тој ќе започне рехабилитација во тренинг центарот на клубот и нема да биде подготвен за претстојниот натпревар со Валјадолид, закажан за в петок. Ова отвора можност за Димитриевски да го преземе местото меѓу стативите и да дебитира во елитното шпанско фудбалско натпреварување.

Македонецот веќе настапи на две средби во Купот на Кралот, каде што Валенсија забележа рутински победи. Македонскиот репрезентативец не крие дека со нетрпение очекува да ги покаже своите способности и во Ла Лига, по годините одлични настапи за Рајо Валјекано. Според првичните проценки, Мамардашвили може да отсуствува до крајот на календарската година. Доколку се потврдат овие информации, Димитриевски би можел да брани и на гостувањето кај Еспањол на 18 декември, домашниот дуел со Алавес на 22 декември, како и на презакажаниот меч со Реал Мадрид на вториот ден од новата година.