Кипарците се пожалија: Хендикеп е што реваншот со Македонија го играме на гости

Maкедонската фудбалска репрезентација денеска за противник во баражот за опстанок во Б-лигата во Лигата на Нации ја доби селекцијата на Кипар.

Селекторот на Кипар, Апостолос Манциос во изјава за сајтот на Фудбалскиот сојуз на оваа земја потврди дека Македонија ќе ја има фаворитската улога, со оглед на тоа дека тие доаѓаат од една лига подоле.

„Пред сè, среќни сме што како репрезентација за првпат учествувавме во ждрепка за плејофот во Лигата на нации. Без оглед на противникот, однапред знаевме дека ќе ја имаме улогата на аутсајдер, бидејќи противникот ќе доаѓа од Б-дивизијата. Ждрепката одлучи нашиот пат да се вкрсти со Македонија. Ќе се подготвиме најдобро што можеме и ќе ги искористиме сите шанси за да обезбедиме пласман во Б-дивизијата, целосно свесни за тешкотиите што нè очекуваат. Секако, за нас е хендикеп тоа што реваншот ќе го играме на гостински терен, но ќе се обидеме да бидеме максимално конкурентни и да го оствариме посакуваниот резултат“, изјави Манцинос.

Првиот натпревар против Кипар ќе го играме на 25 март 2027 година, додека реваншот на наш терен е закажан за пет дена подоцна.