Селекторот го одбра тимот - со Нено и американскиот ѕвер ќе го нападнеме Кипар!

Селекторот на македонската репрезентација, Жозеп Марија Берокал, денеска го објави списокот од 15 кошаркари на кои ќе смета за претстојниот ноемвриски ФИБА „прозорец“ и продолжението од втората фаза на претквалификациите за Евробаскет 2029.

Нашата најдобра селекција во овој циклус ќе одигра еден натпревар. Македонија ќе ја пречека репрезентацијата на Кипар во рамките на второто коло од групата „Ф“, а дуелот е закажан за в четврток (26 ноември) со почеток од 18 часот во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје.

Подготовките на националниот тим ќе се одвиваат во Скопје, а првиот собир е предвиден в понеделник исто така во салата „Лазар Лечиќ“. На списокот на Берокал и неговиот стручен штаб се најдоа водечките репрезентативни адути, предводени од Ненад Димитријевиќ, Војдан Стојановски и натурализираниот Мозес Рајт.

Список на повикани кошаркари: Ненад Димитријевиќ, Виктор Ташовски, Виктор Ефремовски, Војдан Стојановски, Лука Стојановски, Адем Мекиќ, Стојан Ѓуроски, Лејсон Зеќири, Валмир Какруки, Резарт Мемед, Тома Стојаноски, Андреј Маслинко, Петар Бошалески, Андреј Андоноски, Мозес Рајт.