Нејмар пак се расправаше со навивачи: Идиоти, ќе испаднете во Втора лига!

Бразилската ѕвезда повторно е во центарот на вниманието поради однесувањето надвор од теренот. По победата на Сантос на гостувањето кај Коритиба (1-0), во 35. коло од бразилското првенство, 34-годишниот напаѓач влезе во жестока вербална пресметка со домашните навивачи.

Инцидентот се случил веднаш по завршувањето на натпреварот на стадионот „Куто Переира“, кога навивачите на Коритиба почнале да го провоцираат поранешниот фудбалер на Барселона и Пари Сен Жермен.

Нејмар не останал должен, па возвратил со навреди, а целата ситуација била забележана oд новинарите на мечот.

„Не ме зафркавај! Ќе испаднете во втора лига, идиоти! Одете по ѓаволите! Мора да ме почитувате, покажете почит! Вие сте е*ан мал клуб“, им порачал бесниот Нејмар на навивачите на Коритиба.

Интересно е што Коритиба, и покрај провокациите од бразилската ѕвезда, не се наоѓа во безизлезна ситуација. Клубот е на 13. место на табелата и сè уште има реални шанси да го зачува прволигашкиот статус.

Сантос до победата стигна во драматична завршница, со голот на Габигол во судиското продолжение. Нејмар имаше важна улога во акцијата, откако неговиот удар го одбрани голманот, а Габигол ја искористи одбиената топка и ја смести во мрежата. Погодокот првично беше поништен поради офсајд, но по интервенцијата на ВАР беше признат.

Нејмар во текот на натпреварот имаше неколку можности да се запише во листата на стрелците, но не успеа да го совлада голманот Педро Рангел.

Ова не е првпат бразилската ѕвезда да влезе во конфликт со противничките навивачи. Сличен инцидент се случи и во мај, исто така на гостувањето кај Коритиба, кога Нејмар со гестови им одговори на провокациите од трибините.

Сантос моментално се наоѓа на осмото место на табелата и продолжува да се бори за пласман во Копа Либертадорес. Нејмар сезонава постигна десет гола и забележа осум асистенции, а договорот со Сантос му истекува во декември.