Кек: Проблемите со авионот можеби ќе ни бидат додатен мотив за да победиме!

Словенија денеска се соочи со голем проблем пред доаѓањето во Скопје, па наместо според својата програма да пристигнат во Македонија после пладне, доцнеа дури два часа поради проблеми со климатизацијата во авионот, кој не можеше да полета од љубљанскиот аеродром.

Словенците шест часа поминаа за да стигнат во Скопје, од доаѓањето на аеродром, па неизвесноста кога ќе се среди проблемот со авионот од полската компанија, за на крај да имаат проблеми со багажот на скопскиот аеродром.

„Можеби ова што ни се случи, ќе ни биде дополнителен мотив за утревечер за да победиме. Интересно е што патувавме во Македонија, авионот кој ни доцнеше беше од Полска, а се надевам дека пилотот не е од Израел. По десет години сум пак во Македонија, не верувам во саботажа или нешто слично. Ние, сепак, не сме туристи, ако некому му треба парче облека ќе му го дадам. Багажот што ни исчезна при транспортот уште не сме го добиле“, рече Матјаж Кек, селекторот на Словенија после неочекуваните проблеми на доаѓање во Скопје.

Словенечкиот селектор посочи дека сите се свесни што ги чека во Скопје, дека доаѓаат со голема почит кон Македонија и дека со мудра игра ќе се обидат да стигнат до победа.

„Сите сме свесни што не чека. Со респект доаѓаме, а двете селекции играат за бодови и нормално ние сакаме три за да го продолжиме патот кон ЕП. Јас по 10 години пак сум во Македонија, сите сме позитивно расположени. Македонија и Словенија играат за бодови, но на теренот не можеме само да излеземе да се бориме. Мора да бидеме вистинските, да играме, пред се не чека психолошка игра. Но, мора да имаме респект кон противникот. Прво ќе мислиме на нас, а потоа на нив. Но, не смее прво да излеземе само да се бориме“, вели Кек