Големо засилување за младите: Елмас замина за Ереван за да им помогне против Ерменија

Македонскиот бисер Елиф Елмас ќе ѝ помогне на младата македонска репрезентација на утрешниот меч во Ереван против Ерменија на стартот на новиот квалификациски циклус за пласман на Евро 2019.

Елмас, кој со асистенција беше главен креатор на победата на сениорскиот тим во Израел (Горан Пандев го даде голот за триумф) експресно заминал на пат за Ерменија за да им помогне на младите фудбалери и тој ќе биде големо засилување за тимот на Благоја Милевски, особено што селекторот на надежите целата игра во подготовките на новата селекција ја градеше врз него.

Елмас во Израел доби жолт картон и со тоа немаше право да игра на утрешниот меч со Албанија во Струмица, па поради тоа тој е „прекомандуван“ во младинскиот состав.

Македонија утре од 17 часот го игра мечот со Ерменија, прв во овие квалификации. Ерменците досега одиграа два дуели и имаат 4 бода по триумфот со Гибралтар со 3-0 и ремито со Русија на гости без голови. Нашиот противник е прв со 4 бода, следат Австрија со 3 (победа со 3-0 против Гибралтар), Србија со 3 (победа со 4-0 со Гибралтар), Русија 1, додека аматерите од Гибралтар се без бод и без даден гол по три меча.