Гигантот Галатасарај на лето ќе го купи Валон Етеми!

Турскиот гигант Галатасарај, поранешен освојувач и на УЕФА Купот на лето ќе го купува македонскиот репрезентативец Валон Етеми, членот на Истанбулспор, кој сезонава блеска во Суперлигата, најавија турски медиуми.

Етеми во деби сезоната во турската елита, откако лани со Истанбулспор обезбеди пласман во Суперлигата, има сезона за паметење со 10 гола и четири асистенции досега и многу брзо го сврте вниманието кон себе, па сега Галатасарај ептен се загреал за да го ангажира.

Според информациите на дел од најпознатите турски медиуми, Галатасарај веќе и ги почнал разговорите за ангажман на Етеми, а раководството на клубот и претседателот на клубот Дурсун Озбек не сакале да ја повторат грешката од 2017 година, кога Фенербахче ги победи во трката за друг македонски фудбалер, Елиф Елмас, сега член на Наполи.

Одлуката за ангажман на Етеми паднала откако клубот се подготвува да го продаде Керем Актуроглу, но сега останува да се најде договор со Истанбулспор за евентуален трансфер, зашто македонскиот офанзивец има договор до летото 2025 година.

Се потенцира дека има две опции, првата да се плати отштета, а наводно Истанбул го проценува на безмалку два милиони евра, или Галата да се надева на испаѓање на градскиот ривал со што уште полесно би го добиле македонскиот репрезентативец.