
Гарсија: Подготвени сме и за временските услови во Скопје!
Иако е крај на сезоната, Гарсија смета дека фудбалерите кои ги има на располагање се во добра форма, но потенцираше и дека ќе мора да го дадат максимумот.
„Сите 26 фудбалери кои се повикани се во добра форма, иако дел од нив имаат различни ситуации во клубовите. Сите се подготвени, има проблеми во јуни поради крајот на сезоната. Сепак, најважно е што сите со желба доаѓаат во Скопје за да победат. Сите кои беа повредени, во моментов се во добра форма. Секогаш е предизвик да се игра на гости, ама ние сме подготвени. Јасно ни е дека имаме ривал против кој мора да дадеме максимум“, вели Руди Гарсија.
Белгијците пред натпреварот се подготвувале и на временските услови и поради тоа порано пристигнале во Скопје.
„Временските фактори треба да се земат в предвид. За утре е предвидено да биде нешто поладно вечерта, ама освен температурата тука е различна и влажноста на воздухот. Тоа ќе биде предизвик, но ние ги направивме сите подготовки при тренажниот процес. Токму затоа дојдовме порано, да ги почувствуваме условите на теренот и да имаме појасна слика“, додава селекторот на Белгија.
Елиф Елмас имаше прилика да соработува со Гарсија, но тој истакна дека Македонија има и други фудбалери кои се исто така квалитетни.
„Не е само Елмас, Македонија има и други солидни играчи како што се Барди, Алиоски… очекувам тежок натпревар. Тоа е тим кој прави притисок, знае да ги искористи грешките на противникот и мора да бидеме внимателни и да го дадеме максимумот“.
„Ја анализиравме Македонија, знаеме дека имаме работа со силен тим, за нас е специфично што ова ни е прв меч во квалификациите за разлика од Македонија која веќе собра четири бода. Ќе дадеме се од себе“, заврши Гарсија.