Футсалците со многу проблеми за завршните два меча – дури седум играчи не се во комбинација

Македонската футсал репрезентација во завршните два меча од овие евроквалификации за пласман на ЕП 2022 влегува со големи проблеми во играчкиот статав, зашто селекторот Васко Скендеровски не може да смета дури на седум играчи, па за пресметките утре со БиХ во Скопје (19 часот) и против Романија во Темишвар на 14 април повика дури пет дебитанти во националниот тим.

Македонија со два бода од четири меча влегува во завршните два меча од циклусот во кој Босанците се први со максимални 12 бода и веќе обезбедена виза за настап на ЕП, Србија е втора со пет бода, додека Романија има идентичен бодовен скор како нас.

За овие завршни два меча, Скендеровски не може да смета на Иван Крстевски (Цико Проект) поради суспензија ќе го пропушти првиот натпревар, а поради повреди или ковид-19 ограничувањата во составот на македонската репрезентација нема да бидат Александар Глигоров (Шкупи), Даниел Де Соуса (Славија Прага), Еркан Сефери (Шкупи), Садат Зибери (Италпол), Игор Леовски (Славија Прага), Адријан Мицевски (Бетон Бојс, Минхен).

Плус, Драган Петровиќ и Драган Ранготов се вклучени на подготовките, но нивниот настап е неизвесен поради повреди, па во составот дури претмина се дебитанти - Берат Рамадани (Арбен Бајрами), Петар Даиловски (Железарец), Александар Михајлов (Проект Цико), Сами Аљиљи (Велес) и Јовица Марковски (Астибо).

„Се соочуваме со огроми проблеми во однос на играчкиот кадар, но ова е објективната ситуација и мораме да ја прифатиме. Ќе биде исклучително тешко на овие два натпревари. БиХ веќе и теоретски го обезбедија своето учество на Европското првенство, без императив доаѓаат во Скопје, но тоа е силна репрезентација и секако во вакви околности фаворит против нас. Имаме пет дебитанти во тимот и тоа е добра можност за нив да ја почувствуваат атмосферата во репрезентацијата и да се потрудат да остават позитивен впечаток. Ни преостанува да се бориме до крај и да ја искористиме шансата за добар резултат доколку ни се укаже“, вели Скендеровски.

Голмани: Антонио Петровски (Проект Цико), Иван Стојановски (Шкупи);

Одбрана: Реџеп Сулејмани (Шкупи), Таулант Исмаили (Арбен Бајрами), Ферид Агуши (Шкупи), Драган Петровиќ (Шкупи), Орхан Ибиши (Приштина), Берат Рамадани (Арбен Бајрами);

Напад: Иван Крстевски (Проект Цико), Дарко Ранготов (Проект Цико), Мартин Тодоровски (Проект Цико), Џокица Џо Арсовски (Штутгартер 2020), Јакуп Рамадани (Арбен Бајрами), Петар Даиловски (Велес), Александар Михајлов (Проект Цико), Сами Аљиљи (Велес), Јовица Марковски (Астибо);