Елмас, Зајков и Ашковски победата над Казахстан ја прославија со - симит погача (ФОТО)

Македонската фудбалска репрезентација го зацврсти водството во групата J од квалификациите за СП 2026, откако вчера го совлада Казахстан (1-0) со голот на Александар Трајковски.

Тројца од репрезентативците – Елиф Елмас, Жоко Зајков и Стефан Ашковски – триумфот го прославија на несекојдневен начин - со симит погача од локална фурна во скопски Чаир. Елмас ја сподели веселата атмосфера на Инстаграм, со фотографија и натпис: „Од Казахстан на симит“, придружено со македонско знаме.

Натпреварот се одигра попладнето, со почеток во 16 часот по македонско време, во главниот град на Казахстан – Астана, а нашата репрезентација веднаш потоа се врати во земјава.

Оваа победа доаѓа по добриот резултат против Белгија во Скопје на 6 јуни, кога Македонија избори нерешено 1-1 на арената „Тодор Проески“. Нашата селекција сега има осум бодови по четири одиграни натпревари, а ова беше десетти меч по ред без пораз за националниот тим.