Две сценарија: Ова се можните термини за историскиот меч Македонија – Косово (ФОТО)

Европската фудбалска унија (УЕФА) во среда и четврток и официјално ќе објави кога Македонија ќе го одигра историскиот бараж со Косово во Скопје на патот кон пласман на Евро 2020, а веќе се познати потенцијалните термини за мечевите и има две сценарија од кои во Нион на Извршниот комитет треба да изберат едно.

Според планот на УЕФА, репрезентацијата на Македонија после пауза од десет месеци повторно ќе биде во погон од крајот на август и почетокот на септември, а тоа што е заедничко за двете сценарија предвидени од УЕФА е дека во еден месец ќе играат три меча, зашто покрај плејофот во Лигата на нации за место на Евро 2020 ќе ја играат паралелно и втората сезона во Лигата на нации од која најдобрите две по ранкинг ќе одат во бараж за пласман на СП. Но, овој план е доста напорен зашто македонската фудбалска репрезентација, а и останатите селекции би требало да играат по три меча во една недела.

Според првото сценарио, патот на Македонија кон Евро 2020 би бил во ноември и тоа во периодот од 11 до 17 ноември, а претходно во два циклуси по три меча би ја одиграле групната фаза во Лига Европа со Грузија, Ерменија и Естонија. Од 31 август до 8 септември би ги играле првите три кола, а од 5 до 13 октомври вторите три меча во групата.

Според второто сценарио, во првиот септемвриски термин би бил баражот со Косово заедно со воведните две кола од Лигата на нации, во октомврискиот покрај други два меча од ЛН би го играле евентуалното финале, ако го минат Косово на гостување кај Грузија или Белорусија, додека во ноември би ги завршиле настапите во втората сезона од Лигата на нации со последните две кола.

Мечот Македонија – Косово за кој Националната Арена „Тодор Проески“ се распродаде за два дена беше двапати одложуван, во март, па во јуни поради пандемијата со коронавирус. Сега епидемиолошката слика очигледно е дека ќе диктира дали мечевите ќе се играат со или без гледачи, а УЕФА треба да избере кое сценарио е подобро и многу веројатно е дека првото, кое од поодамна се најавува ќе добие „зелено светло“, зашто низа земји кои се во баражите веќе преку медиуми се изјаснија за ноемврискиот термин како разрешница за местата на Евро 2020.