Димитриевски пред заминување од Валенсија, ама ќе продолжи да брани во - Валенсија!?

Македонскиот репрезентативен голман, Столе Димитриевски, се наоѓа пред нов трансфер во шпанската Ла Лига, откако екипата на Леванте изразила интерес за негов ангажман.

Станува збор за клуб од Валенсија, кој ова лето се врати во елитното натпреварување и кој веќе испратил конкретна понуда за Димитриевски, кој сè уште се обидува да ја дефинира својата иднина. Тој минатото лето пристигна во тимот на Валенсија со надеж за редовни настапи, но не доби значајна минутажа и сè поочигледно е дека ќе мора да побара нова средина ако сака да игра во континуитет во новата сезона.

Леванте, каде што пред неколку години блескаше уште еден македонски репрезентативец, Енис Барди, во Димитриевски сигурен избор за засилување на голманската позиција. Неговото искуство и стабилност на голот, особено од периодот во Рајо Валјекано, му носат високо реноме во шпанскиот фудбал. Сепак, Димитриевски не брза со одлуката. Тактизира во изборот на следната дестинација, свесен дека интерес за неговите услуги има и од други клубови.

Додека се чека одговорот на Македонецот, Леванте како резервна опција го разгледува трансферот на романскиот голман Дину Молдован од Рапид Букурешт.

ФОТО: Valencia FC