Четирите бода месецов ќе ѝ донесат на Македонија скок на ФИФА-листата од – две места!

Македонската фудбалска репрезентација со освоените четири бода од третата рунда на квалификации за пласман на Евро 2020 од гостувањето во Израел (1-1) и Летонија (2-0) ќе напредува за две позиции на ранг-листата на Светската фудбалска федерација (ФИФА), која за една недела официјално ќе ја објави својата листа.

Македонија со четирите бода со кои остана во трка за првите две позиции во групата кои директно водат на континенталниот шампионат ќе се најде на 69-то место на ранг-листата со 1.338,85 рејтинг поени и тоа ќе донесе напредок за две позиции во однос на јулското 71 место. Македонската селекција во овој месец освои нови шест бода во рејтингот и во моментов според ранг-листата на ФИФА е четврта по рејтинг, зад Полска, Австрија и Словенија, а пред Израел и Летонија, кои од поодамна се зад нас.

Полска со лошите два меча (пораз и реми) ќе назадува за две позиции до 22-то место, Австрија и покрај четирите бода ќе остане на 27-та позиција, а најголем скок ќе запише Словенија со напредокот од четири позиции по триумфите над Полска и Израел и сега ќе се најде на 59-та позиција. Израел после само едниот освоен бод ќе назадува за две места до 86-та позиција, додека фенерџијата Летонија ќе падне за пет места на 139-то место.

На врвот на листата Белгија останува лидер, а Франција и Бразил сега ќе си ги сменат позициите и „триколорите“ ќе бидат пред „кариоките“. Англија останува четврта, а Португалија со скок од едно место е петта. Во „топ десет“ уште се и Уругвај (пад за едно место), Шпанија (скок за две позиции), Хрватска и Колумбија (пад за по едно место) и Аргентина.