БУМ: Нашиот Растодер и официјално потпиша за ПАО – потврдата стигна и од „горе“ (ФОТО)

Македонскиот репрезентативец, Елмин Растодер, е нов фудбалер на Панатинаикос, откако денеска успешно ги мина лекарските прегледи во Атина и стави потпис на четиригодишен договор со грчкиот великан, објави попладнево најдобро информираниот европски новинар, Фабрицио Романо.

ПАО за 24-годишниот напаѓач ќе му плати на швајцарски Тун 3,5 милиони евра, сума која е нешто пониска од неговата моментална пазарна вредност, проценета на околу четири милиони евра. Растодер во Тун пристигна во летото 2024 година, по успешната позајмица во Вадуц, а со своите настапи во швајцарскиот фудбал го привлече вниманието на повеќе клубови. Грчкиот гигант реагираше најбрзо и ги заврши преговорите во последните денови од јуни.

Македонскиот напаѓач веднаш ќе им се приклучи на новите соиграчи на подготовките во холандскиот град Апелдорн, каде Панатинаикос ја темпира формата за новата сезона. Во Атина веруваат дека направиле одлична зделка, бидејќи ангажираа фудбалер чија вредност е во постојан раст, а истовремено обезбедија долгорочен договор со еден од најперспективните македонски напаѓачи.

Растодер досега има одиграно девет мечеви за репрезентацијата на Македонија.