Пелистер со нов претседател ќе брка враќање во Првата лига – наскоро ќе добие и тренер!
По оставката на досегашното раководство и стручниот штаб, акционерот на клубот – Општина Битола, ја донесе одлуката довербата да му ја укаже на 45-годишниот Митревски, кој на функцијата го наследува Александар Стефановски. Од клубот истакнуваат дека Митревски бил нивниот прв избор за претседателската позиција и изразуваат задоволство што ја прифатил понудата да го предводи новиот проект, чија главна цел е враќање на Пелистер во врвот на македонскиот фудбал.
Новиот претседател зад себе има долгогодишно искуство во спортот и маркетингот, а во јавноста е најпознат по успешното раководење со ракометните клубови Работник и Пелистер. Митревски веднаш ќе започне со извршувањето на својата функција, а во наредниот период се очекува да го претстави планот за работа, да го назначи новиот шеф на стручниот штаб, како и да ги официјализира почетокот на подготовките и програмата за летниот подготвителен период.